Skopje za Vardar

Skopje za Vardar

Monday, 23 March 2015

Пу, Пу, Не Важи !!!



Повторно Скопје е центар на ракометниот свет, а новата магија изведена од уметниците во црвено црно долго ќе се памти и зборува. Благодарение на нив сите сме горди, весели, се чини дека целиот свет ни е на дланка. Проследивме уште една ракометна лекција, ракометен спектакл што ретко се гледа, зачинет со потребната доза на возбуда и тензија. Големо БЛАГОДАРАМ од нас, блогерите од блогот Скопје за Вардар за една од најубавите поминати саботи во последно време.
 ФК Вардар годинава како да е претплатен да ни ја дозира секоја радост која ја чувствуваме кога ракометарите во својот претпознатлив транс го мелат секој колектив во Европа што дошол во Скопје да игра ракомет. Овој пат се чини го дадоа својот максимум да го расипат впечатокот за црвено црниот викенд, но не успеаа. Оние кои дојдоа на Градски сеуште ги коментираа одбраните на Штербик и цепелинот на Карачич, наместо промашувањата на Грне и компанија.
  Ниту ние нема да посветиме големо внимание на антифудбалот кој во коалиција со одвратното време ги избрка половината гледачи уште на полувреме. За односот и посветеноста кон играта, клубот и навивачите, соодветствено со примањата и условите кои ги имаат спортистите, нешто сме пишувале, а ќе пишуваме и во други прилики. Само ќе поставиме едно прашање кое си го постави секој гледач на заминувањето (од оние најупорните кои останаа до крајот) „Овој ли Вардар ќе игра во Европа?
  Она на што сме гневни е бедната одлука на нашата таканаречена управа со која го укина правото на најверните навивачи да присуствуваат на најголемото македонско дерби со прикажување на своите сезонски билети. Да потсетиме дека она што беше кажано на почетокот на сезоната е дека сезонските билети за натпреварите на РК Вардар во Лигата на Шампионите ќе важат и за домашните натпревари на ФК Вардар. Впрочем така и се влегуваше се до неделата. Изненадени сме од оваа срамна одлука која е директно насочена кон оние 50 до 100 најверни навивачи кои се тука на секој натпревар на Вардар и ги користат сезонските влезници. Има ли оваа наша управа почит кон најлојалните??? На ваков начин ли им враќа за посветеноста кон Вардар??? Да видиме како стои математиката. Останатите кои дојдоа и доаѓаат два пати годишно секако ќе платеа карта, а оние кои со сезонски влегуваат на секој натпревар не се повеќе од стотина. Епа управо наша алал нека ви е. Покажавте дека сте ситни души, паднавте толку ниско и за не повеќе од 300 евра ги измалтретиравте и пониживте враќајќи ги од вратите како кучиња оние кои Градски го сметаат за втор дом, оние на кои Вардар им е составен дел од животот. Се надеваме се збогативме доволно па сега ќе имаме пари и да платиме некој поквалитетни фудбалери кои ќе можат да излезат на крај со еден Пелистер (без потценување). Неспособни сте да го водите Вардар и не знаете да ги трошите парите на сопственикот. Повторно имавте катастрофална организација меѓу другото.
  Парафразирано, паролата на Чкембари „Добро е што Пелистер на гости ви иди, и Арената публика да види“ е болна, жална, брутално искрена и сигурно најточната и со најголема тежина која тие ја извадиле во поновата нивна историја. Чкембари на страна, во голем дел тоа е ваша грешка и ваша одговорност. Вие ги бркате и оние кои доаѓаат, за привлекување нова публика да не коментираме. Освестете се на време или имајте доблест и заминете сами. Водите сериозен проект, а се однесувате како да сте маалска екипа. Будно ќе ве следиме единствено за интересот на Вардар и сите Вардарци!


   Напред Вардар!
 

Wednesday, 11 March 2015

БЕЗРБЕТНИЦИ

   
   Безрбетниците постојат насекаде околу нас. Нашето општество е преполно со морални убиства, подлизурковци и луѓе кои секојдневно газат на својот збор. Нажалост, и ние Вардарци со зајакнувањето на нашиот клуб се повеќе сме соочени со доаѓање на играчи кои под превезот на професионалноста даваат секакви изјави против клубот чии бои ги бранат. Секојдневно секој од нас Вардарците се повеќе се чуствува предаден поради ангажирањето на играчи кои долго време немале позитивно мислење во однос на Вардар и Комити, и кои директно учествувале во креирање на пропаганди против Вардар.

   Прв пример е нашиот дефанзивец Бобан Грнчаров. Грне на социјалните мрежи реши да иронизира во однос на целата иницијатива на навивачите Немања Прибак да остане во нашиот клуб. Тој, наместо да сочуствува со еден од најпосветените негови колеги од спортското друштво чив член е, реши да се потсмева со мислењето на навивачите на клубот. За кого се игра воопшто фудбал во Македонија? За оние кои го поддржуваат клубот или за Грне да зема 10.000 евра и да плука по оние што гинат за клубот? Боли што никој во најголемата спортска институција во државава воопшто не ни им кажал на играчите дека не е убаво да се исмејуваат со нив и да влегуваат во дискусии со обичните фанови, поради кои не смееме да заборавиме дека овој клуб преживеа во најтешките денови од неговото постоење. За колегијалноста не вреди ни да се коментира, но фактите зборуваат дека потсмевањето со некого и воопшто не е фер кога тој некој е пример за таквите како Грне кои уживаат на стадионите во соседството гледајќи ЛШ во фудбал и возбудувајќи се поради некои странски, а утре и ривалски клубови. Е таквите собираат поени кај своите колеги и кажуваат како им покажале на навивачите со своите изјави. Кој беше мотивот на нашиот централен дефанзивец во ситуацијата не знам, но очигледно е дека неговото однесување воопшто не е добро.

   Жално е што сите ние на кои Вардар ни е една од најважните работи во животот знаеме дека Грне е можеби барем најхрабар па јавно го сподели неговиот став, а дека постојат уште многумина кои размислуваат исто како него. Се разбира дека ние навивачите не бараме стручна комисија во клубот за оценување на „идеолошка подобност” или слично, но дефинитивно не знам како раководните структури очекуваат да се створи хемија во Вардар кога се носи сенешто во клубот, а во исто време играчите кои оставале срце за истиот да се заборавани. И покрај потребата за сиров квалитет која не ја спориме, мора да признаеме дека ваквото однесување на одредени сегашни или идни членови на спортското друштво не придонесува на клубот, туку само може да создаде проблеми во моралот и хемијата во тимот. Мора целата клубска структура да ги „советува" играчите и да дава упатства за ПР делот во кој на сите полиња очигледно неверојатно потфрламе!!!

   Нов многу добро познат пример за ова е Дејан Манасков кој до пред неколку месеци се колнеше на верноста во Металург и дека него „руски рубљи не го интересираат". Дејан, репрезентативец на Македонија, без никаква почит блуеше по еден од најуспешните клубови во Македонија како е руски и насила купен. Откако Металург, за кој сите знаеме каква анти Вардар политика водеше со години се распадна, Дејан отиде во Германија и потпиша договор да почне да игра во Вардар. На целото плукање по социјални мрежи и јавно во изјави и на сајтови, но и на терен каде гестикулирал многу пати кон навивачите на Вардар вулгарно, боли тоа што нашиот клуб реши него да го ангажира баш него од сите играчи на таа позиција кои играат ракомет. Како ќе се чуствуваат сега Столе Стоилов, Страхиња Милич, Игор Карачич, Добривоје Маркович и сите оние кои со години биле провоцирани од истиот тој Деки? Зошто тој сега да добие шанса барабар со нив, кога тие во најтешките денови беа на наша страна, додека тој уживаше во сите тие сплетки и удари под појас кон овие момци? За неговиот карактер на безрбетник воопшто и нема што да се коментира бидејќи тој со овој гест тоа го докажа. Но и нашата управа докажа дека однесувањето за неа е неважно се додека играчот игра, што е голема грешка, бидејки тој играч со оглед на изјавите нема мотив да игра.


   На крај, ние Вардарци очекуваме Дејан јавно да се извини за неговите изјави и да даде дознаење дека тоа што го кажувал било целосно неточно. Тој ќе мора да ја покаже верноста кон Вардар и на терен, и надвор од него, а не би било лошо и да го видиме качен на трибина со Комити после некој натпревар како навива. Секако, без големо извинување и признание за грешката не смееме да му дозволиме да помине. Ако не сака да се извини, наше е да му помогнеме да го направи тоа!

А играчите кои веќе се дел од нашето спортско друштво а тераат мајтап и смеа со навивачите, време е раководната структура да ги научи како стојат работите и што значат навивачите за клубот. Ако некој планира да глуми лудило и мангуп во Вардар, за мангупи нема место. Вардар е, бил и ќе биде за сите ист. И за навивачите, и за играчите и за раководните структури. На крај, сите му мислиме добро и се бориме тој да е подобар. Затоа, ајде сите заедно да го направиме тоа. Ајде да не бидеме секој за себе, туку да бидеме вистинско семејство и спортско друштво! Ајде да покажеме дека сме едно заради нешто што е поголемо од нас!

Wednesday, 25 February 2015

По еден лајк за текстот за лајковите и Вардар !!!




 Сезоната полека влегува во финалето, расплетот се ближи и со нетрпение го очекуваме. Фудбалската сезона ни почнува веќе во недела во едно занимливо место за играње и гледање фудбал, додека ракометарите па и ракометарките ги очекуваат битки за влез меѓу најдобрите 8. Кратката воздишка пред новите возбудувања ќе ја искористиме да посочиме на еден сериозен проблем со кој се соочуваат клубовите кои го носат името Вардар. Проблемот генерално постои кај сите клубови, но тоа нас не не интересира бидејќи Вардар е она за што се грижиме. Проблемот можеби е дури и во животите на секој од нас, но овде пишуваме за Вардар. Деновиве и месециве постојано читаме за некаква масовна еуфорија која наводно се креира со играњето и резултатите на Вардар. Да бидеме искрени таква еуфорија не постои. Можеме ние најверните (околу 500 до 1000) со Војводина и со Тетекс да видиме многу добро и да препознаеме еуфорија. Еуфорија имаше кога ФК играше во СФРЈ, а во поново време можеби во летото кога бевме на прагот на влез во ЛШ, некој понизок степен постоеше кога Кометал освои ЛШ и кога кошаркарите ги играа натпреварите во Литванија.
   Денес живееме во време кога не знаеме што е реално, а што е виртуелно. Сведоци сме на комплетна замена на живеењето, дружењето, активностите, хобиата со нашите „мили“ кутии и апарати поради кои се одвикнавме да се гледаме во очи. Говориме за интернетот и социјалните мрежи. Денес се се случува таму. Најважно е тоа што се гледа и чита таму. И Вардар не е имун на ваквиот феномен. Младите генерации се денес опседнати со социјалните мрежи и она што е најболно и загрижува е тоа што се копмлетно исполнети со нив. Еуфоријата која предходно ја спомнавме, владее таму. Да ги анализираме бројките. На ФБ профилот на РК и ФК Вардар во моментов на пишување на текстов има околу 77 000 односно 76 000 лајкови т.е. луѓе кои се фанови и симпатизери на Вардар кои секојдневно одбрале да ги следат новините и да ги читаат сите работи поврзани со Вардар. Нема да бидеме ексклузивни или препаметни ако прашаме каде и пред се кои се тие луѓе. Меѓу нив има и луѓе кои не живеат во Македонија, но нивната бројка е реално премала за да направи некаква разлика. Една просечна објава на профилот достигнува и над 1000 лајка. Објавата за роденденот на Филип Петров на пример оди прелу 500 лајка. Половина од тие луѓе сигурно не ни знаат како изгледа Фичо и на која позиција игра. Објавите во кои се слави некоја победа, се истакнува резултат или постигнување на гол се најинтересни за анализа. Поточно лајковите и коментарите кои потоа следуваат. Браво момци! Ајде Вардар! Браво гордост македонска! Газиме! Најдобри сме! се едни од најчестите кои можеме да ги прочитаме. Се радуваме ли искрено на секој гол и победа или само стискаме лајк и куртоазно оставаме по некој коментар затоа што е модерно??? Понекогаш мислам дека доколку ФБ профилот на ФК Вардар објави дека сме ја победиле Борусија Дортмунд во групната фаза на ЛШ со 3:1 таа објава ќе оди и до преку 50 000 лајка, незнаејќи дека такво нешто воопшто не се случило. Па Вардар и не мора да ги игра натпреварите, доволно е да се објавуваат резултати на ФБ и да се слават. Клучното прашање е дали ни е потребен Вардар (или подобро да кажам дали им е потребен)? Дали го сакаме Вардар? Дали сакаме да го гледаме? Сме помислиле ли да отидеме на стадион и таму да викнеме барем еднаш напред Вардар или да опцуеме судија наместо тоа да го куцаме на нашите тастатури? Како стојат работите очиглено одговорот е НЕ. Доволни ни се социјаните мрежи, таму ќе пишуваме дека сме најдобри и дека сме најсилни навивачи додека 500 до 1000 момци константно ќе се борат и ќе страдаат за Вардар. Не можеме да наполниме сала од 5000 против Монпеље. За Градски и фудбал да не зборуваме. Кога последен пат можело да се прошета низ град и да се примети дека игра Вардар? На Вардар веќе не се псоветува ни час, а камоли ден или викенд. Се помалку распеани луѓе, помалку знамиња, помалку шалови. Имаме сега и мобилни со интернет па можеме и од кафичите да лајкаме и да се радуваме кога Вардар ќе даде гол. РК Вардар е сега шема, но знаеме многу добро пак ние истите дека тоа нема да биде вечно, пак ќе дојде ден кога ќе се тепаме со Пелистер за гол повеќе. И тогаш пак ќе бидеме таму ние малкумината да се бориме за Вардар. Без да навредиме некого, но страшна е сликата кога нема да препознаете ниту еден верен навивач на Вардар како седи доле на убавите фотељи близу паркетот во Јане Сандански, а не памтите кога сте пропуштиле натправар на Вардар во тек на повеќе декади. Гледаме костумосани госпоѓи и господа и деца кои возат скироли и си играат со балони додека ние горе скриени во некое ќоше каде што сме успеале да обезбедиме карти и се потиме затоа што на наш Вардар му исклучиле играч за 2 минути казна.
   По којзнае кој пат пуштаме абер и апелираме до пошироката јавност и особено оние кои се декларираат дека се Вардарци. Не му требаат на Вардар вашите лајкови!!! Дојдете на терен, дојдете на утакмица! Дојдете да се дружите, дојдете да се радувате и да тагувате заедно! Оставете ги лајковите за оние од Торонто и Мелбурн.
   Би биле среќни ние од блогот доколку место лајкови овој текст придобие барем еден плус човек што ќе стане вистински Вардарец, а таквите се секогаш таму каде што игра Вардар.
 
   Било кога, било каде!

   Се гледаме во Кратово! Повторно истите нели ???

Sunday, 22 February 2015

Рајн-Некар Левен и осминафиналето




Сите оние на кои во последниве десетина години и ракометот им стана важен дел од животот, верувам дека тешко ќе се присетат кога последен пат германска екипа изгубила на домашен терен вака убедливо. До вчера сите ние знаевме за тоа дека отсекогаш ни “лежеле” германски екипи, дека оваа генерација на РК Вардар беше создавана по тој терк од Вујо, но малкумина очекуваа дека ние ќе го добиеме натпреварот по само 35 минути. Не бевме свесни дека нашата одбрана ќе стане толку подвижна што играчите на Рајн-Некар нема да можат да постигнат гол од игра 7 минути на почетокот. Запирањето на германците и со 5 играчи во одбрана поради исклучувањата во првото полувреме и молњевитиот напад кој го игравме (а беше убиствен и со 6 и со 5 ракометари во поле) беа одразени и во резултатот: 13-20 на полувреме. Одамна не се случил ваков потоп на екипа од најсилното национално првенство во светот. Второто полувреме беше рутина, која нашиот тим многу пати до сега ја одработувал во СЕХА. Се зголеми и ротацијата, цел тим доби шанса. Арпад Штербик повторно беше брилијантен на голот. До сега не сме гледале ваква игра на некоја екипа од Балканот, па дури ни на Загреб кога беше на врвот на својата моќ, а за екипа од Македонија воопшто и да не зборуваме. Гледавме привлечен, течен и цврст ракомет со лесни и брзи голови, еден микс од модерен светски ракомет со руската 5-1 одбрана со која успешно се затворија Геншајмер и Петерсон. Сепак, вчера беше и ден во кој имавме многу среќа поради повредата на пикерот на РНЛ Гвардиола на самиот старт на натпреварот и примораноста на Јакобсен да игра со трет пикер 60 минути.
Низ целата сезона се забележува напредок, но вчера се покажа дека ова не е само еден натпревар на кој ни одеше, туку дека РК Вардар сериозно пристапил на проектот за влегување на ЛШ Фајнл 4 турнирот. Се надевам дека формата на тимот е толку добро темпирана, што само ќе се подобрува се до крајот на сезоната кога ќе ги играме најважните натпревари. Морам да го пофалам стручниот штаб за изборот на Шишкарев пред Брумен на крило, бидејќи човекот во втората полусезона е изгубен во напад и во одбрана. Но, тоа што се одлучи да игра Чипурин на пикер на средина на првиот дел ( продаде неколку топки) се покажа како голема грешка и треба да служи како лекција на Раул да има повеќе доверба во Стојанче Стоилов.

Следна наша станица е осминафиналето во ЛШ. Во него ќе се сретнеме со една од екипите на Загреб, Данкерк или Висла Плок.


Загреб, тимот на Вујо, оваа сезона покажа капацитет за добивање на посилни противници од наш Вардар. Ја започна сезоната молњевито против Кил, но и успеа да го совлада и ПСЖ. Загреб оваа сезона дефинитивно изненадува во ЛШ, но и ние доволно го познаваме. Сепак, ростерот на Загреб не е непознат за нас поради честите дуели во СЕХА и нашите играчи доволно ја познаваат таа екипа. Сепак, поради тоа што знаеме кој е Веселин Вујович и поради пречестите дуели со нив, овој противник и баш многу не ни одговара.

Висла Плок, екипа која во Полското првенство беше доста тројфена во предходната деценија, сега е втора екипа покрај големиот Киелце. Со колонија српски репрезентативци, неколку шпанци и романецот Гионеа тие би требало да претставуваат закана за Вардар, но во последниве две сезони највисок дострел им е осминафиналето. Висла Плок од играчки аспект може најмногу да ни се спротистави.

Данкерк е екипа која лани го освои францускиот шампионат и е составена претежно од француски играчи. Таа најчесто се натпреварувала во ЕХФ купот и нема големо искуство во ЛШ па би била најголемото изненадување, но и можниот најлесен противник на Вардар во осминафиналето. Оваа година е на 5тото место во француското првенство. Екипата има долга клупа и ја користи максимално во ротацијата, а сите играчи се прилично расположени на натпреварите и знаат да постигнат по некој гол.

Сите овие противници секако дека не се СЕХА лига екипи и ќе претставуваат предизвик за нас, но на крајот на краиштата меѓу нив не се кријат големи имиња од кои треба да се плашиме. Со пласманот на второто место избегнавме тешко осминафинале и си ја упростивме работата за повторување на минатогодишниот успех. Најважно е дека покажавме карактер и моќ со многу посилни противници во групната фаза, но ова се елиминации со два натпревари и овде секоја грешка чини многу. Сепак, возвратниот меч е кај нас, а онаа фаворитска улога која ја носиме може само да направи позитивен притисок меѓу играчите за подобра партија. Ждребката е во Вторник од 12 часот и 30 минути на следниот линк:
http://www.laola1.tv/de-int/live/velux-ehf-champions-league-draw-last-16/293046.html

ЕДЕН ЖИВОТ, ЕДНА ЉУБОВ!

Monday, 16 February 2015

Нешто е труло во ЖРК Вардар



ЖРК Вардар е првиот клуб од вардаровото семејство во кој Сергеј Самсоненко влезе како спонзор. Овој клуб кој треба да се вивне во височините на европскиот ракомет, лани успеа да ни донесе голем успех и да ја заврши сезоната како третопласиран во ЛШ. ЖРК Вардар се виде дека нема капацитет веднаш да се бори за титулата во ЛШ. Како за отпрва делуваше дека се е супер и дека малку фали (две до три засилувања) да би се добила екипа што оваа година ќе стигне до првото место. Сепак оваа сезона покажа колку целиот тој колектив, од луѓето во екипата до играчите е далеку од сето она за што сонува секој навивач на Вардар.

ЖРК во последниве месеци е непрепознатлив. На почетокот на сезонава, клубот сам себе се закопа со одлуката да се откаже од женската регионална лига во ракомет. Оваа лига, колку и да е непрофесионална и претежно пријателска, очигледно се одрази на формата на девојките. Македонското првенство само придонесува тие уште повеќе да се дефокусираат од ракометот и да се опуштаат непотребно во екот на сезоната кога е потребно да бидат најпосветени.

Очигледно е погрешна одлуката да се прати Тата Хмирова на операција поради која ја пропушти цела сезона и сеуште не е опоравена. Девојата беше еден од најважните елементи во тимот кој ги спојува сите. Бркањето на Алисон Пино е уште една работа која на никој не му е јасна. Верувам дека имало добра причина за тоа, но дали во оваа сезона кога почна нешто да се уигрува и да се работи и конечно да се добие една компактност на екипата беше потребно да се остане без двете ракометарки од кои сите очекувавме многу и беа важен дел од екипата? И покрај ова, недостасуваше и среќа со повредите на пикерската позиција и немилите настани со Робе кои беа капак на се. Се чувствува недостатокот на Ана Џокич и на терен можеме да видиме колку значајна ракометарка беше таа како во одбраната, така и во нападот.
Индира нема многу што да направи со оглед на ваквите одлуки, иако општото мислење дека и таа мора да сноси одговорност за тоа што се случува е коректно. Инди сезонава требаше да се заложи за регионална лига и да ја знае вредноста на своите ракометарки кои се бркаат, носат и праќаат на операции. Поради големиот број повреди, се поставува прашањето со колкава концентрација играат девојките на натпреварите, но и колку се физички спремни за играње сезонава? Управата на ЖРК Вардар мора да се запраша веќе еднаш каков стил на ракомет ќе игра: балкански, скандинавски или руски? Не е возможно во една екипа да има тренери од секоја од овие земји кои спроведуваат различна работа и на тренинзите и различни размисли на натпреварите.
Зошто Расмусен си отиде така брзо од Скопје ќе биде тешко да дознаеме, но сигурно некој нема да "избега" за две недели ако се е во ред. Официјалното соопштение вели дека ставовите на другите членови на стручниот штаб и тој се разишле целосно во мислењата. Но, сега, најнова аквизиција во стручниот штаб е Питлик кој ќе работи со двата ракометни клубови. Да се надеваме дека тој, Инди и тројцата тренери кои работат во ЖРК можеби и ќе можат да ги усогласат идеите и ставовите и да ја поткренат формата на Вардарки, иако со оглед на тоа што веќе се петмина, ќе имаат вистински проблем.

За дисциплината на ракометарките воопшто и нема многу што ново да се открие. Секој што е активен на социјалните мрежи и ги следи знае се. Горд сум на тоа што тие си фатија момчиња од фудбалскиот клуб, но и повеќе од очигледно е дека на девојките тоа многу лошо им се одрази во формата. Се разбира дека тоа е далеку од пресудно, но дефинитивно игра улога во катастрофалната сезона на ЖРК кој стана клуб за женачка на ракометарки. Не дека Кометал не беше, ама тие барем играа како што треба. Овие денес целосно се посветија на градските шеми и заборавија зошто се наоѓаат таму каде што се наоѓаат.

Сума сумарум, управата на ЖРК Вардар е изгубена во просторот и времето. Ништо подобар не е ни стручниот штаб. Секоја одлука се покажува како полоша од предходната што се одразува кај ракометарките (на терен и во животот) кои го искористуваат овој хаос. Во клубот е потребна цврста рака која ќе може да ги среди работите, од најдолу па се до врвот, која ќе воведе голема дисциплина и ќе биде кадарна за носење сериозни одлуки. Потребно е да се размислува на долг рок за да би се почуствувале сериозни резултати во добра насока. Да не го изгубиме преку ноќ она што со месеци беше промовирано и градено!

Со срце за Вардар, секаде и секогаш!