Skopje za Vardar

Skopje za Vardar

Thursday, 20 November 2014

За ФК Вардар



   

 Веројатно постои едно нешто во што сите се согласуваме во нашава држава. Фудбалот е на загрижувачко бедно ниво. Од репрезентацијата речиси сите се откажаа, Скопје одамна не му верува ни на ФК Вардар. На фудбалската мапа во Европа не постоиме. За нас „зависниците“ нивото на квалитет не игра никаква улога, секогаш сме со Вардар без разлика на допадливоста и нивото на фудбал кој го игра. Но, разбираме и ние по нешто, впрочем по 10, 20, 30 години одење на стадион исклучиво поради љубовта кон Вардар, (не очекувајќи никаков есктра квалитет) можам да кажам дека разбираме многу повеќе од оние кои во кладилниците се воодушевуваат на потезите на своите „идоли“ во странство. Не одам на Градски нема што да видам е најчестиот коментар на истите тие. Реално, до некаде се во право, а и да не се, тие имаат право на свое мислење и одлука. Но, за жал голем дел од тие никогаш и не се појавиле на стадион па да направат споредба.  Сезонава Вардар игра убав фудбал за условите на кои сме навикнати, можеби и најубав во последниве 20 години. На Градски имаше пар убави натпревари со добри потези, доста трчање и по неколку голови. Убеден сум дека со темпото и убавината и бројот на головите кои паднаа ништо не заостануваа зад некои просечни натпревари во Шпанската или Италијанската лига (без Реал и Барса). Она што радува е бројот на евроголовите кои паднаа на Градски. На секој натпревар паѓа гол кој го одзема здивот на сите фудбалски познавачи. Штета што малку луѓе го гледаат тоа во живо. Дашјан и Асани се најзаслужни за тоа. Играат во одлична форма и доколку продолжат вака Вардар ќе има „коњи за трка“ и во Европа следната сезона. Доколку се доведат уште барем двајца фудбалери со таков капацитет можеме да имаме весело лето после долго време, а зашто да не и есен. Стоперите играат се посигурно и подобро. Имаме квалитетен лев и десен бек. Доколку се интервенира со по еден екстра квалитетен фудбалер во средниот ред и во нападот ќе се формира тим можеби посилен (на хартија) од оној кој за еден гол не влезе во групната фаза на ЛШ пред повеќе од десет години. Важно е дека се движиме во вистинска насока и конечно после долго време имаме право, но и основа да се надеваме на посериозни успеси во Европа.
   Додека победуваме и фудбалерите навистина не ни оставаат простор за никакви негативни коментари, мораме за жал да упатиме критика кон управата или поконкретно кон луѓето задолжени за маркетинг доколку воопшто има такви во клубот. Да не се лажеме, публика од едвај 500 луѓе е срамна бројка. Повеќе публика чиниш има на натпревар меѓу тениски ветерани во ТК Југ. Тоа е срам за Вардар и секако срам за Скопје. Ситуацијата е таква каква што е, но загрижува фактот дека управата на Вардар не успева да најде начин како да ја врати или да ја покани дел од публиката на која одењето на стадион и е познато. Понатаму, управата не работи ниту на привлекување на оние најмладите (нови Вардарци). Најстрашно е што таа е помирена со ваквата констелација и не е заинтересирана за промена на подобро. Секој Скопјанец е потенцијален Вардарец.
   Драги Скопјани, дојдете на стадион. Викнете друштво, зезајте се, испијте по некое пиво или ракиичка во блиските кафанчиња по натреварот. Ќе видите дека овој Вардар има капацитет за нешто кое го сонуваме сите и ние кои сме постојано на Градски и вие кои се радувате на головите на Манчестер или Баерн пред вашите телевизори. Ќе се изненадите пријатно, ќе видите подобар фудбал од тоа што очекувате, а зошто да не и по некој еврогол. Вардар мрдна од мртва точка и се надеваме дека ќе продолжи да расте. Последениот натпревар во 2014 на Градски е на 30.11. Градско дерби против Работнички кое ветува добра забава, дружење и фудбал. Работнички е во страшна форма и моментално тоа се двете екипи кои го играат најдобриот фудбал во државава каков и да бил.
   Сите на стадион, мора да се разбудиме, фудбалерите заслужуваат барем еднаш сезонава да играат пред полна Северна Трибина !!!
                                                                        
П.С Среќен роденден за двајцата, можеби и најважни играчи сезонава за нас - во ФК Артак Дашијан и во РК Арпад Штербик!

Sunday, 16 November 2014

Блиску, но сепак недоволно



Конечно во оваа сезона ни дојде силен и спремен ривал со играчи и структура на поставеност на тим кои се на класата која нашиот РК Вардар се стреми да ја достигне. Клуб кој со години е таму каде што ние сакаме да бидеме, клуб кој знае како се губат вакви натпревари и полека почнува да учи како се победуваат исти такви против најдобрите противници.  Денес околу 6000 луѓе дојдоа да го проследат Вардар и да му помогнат со цело срце да направи поголем успех, но тој не успеа тоа да го искористи. Веспрем е доволно познат тим за сите оние кои гледаат повеќе од три месеци ракомет. Клубот со кој дел од македонската јавност и новинарска фела обожуваше да го споредува Вардар создавајќи лажен мит за моменталната сила и капацитет на нашиот градски клуб. Ова ни е втора лекција.  Видовме заостануваме зад нив и нивното ниво и тоа е добро. Технични и тактички бевме надиграни. Веспрем беше подобар во текот на сите 60 минути. Но, истотака видовме и дека ситници решаваат меѓу великаните. Една крената нога на Миклер носи трето место можеби прво место за нас. Ние имаме основа, имаме желба, ќе напредуваме и за неколку години ќе станеме великани и ќе ги престигнеме Веспрем. Е  тогаш Штербик ќе ги решава натпреварите против Кил, место против Монпење.
   Вардар има 2 силни постави, но вчера игравме со една. Тоа е така зошто имаме тренер кој за жал не им верува на своите ракометари. Не доволно храбар да го одмори извиканиот Дујшебаев кој со своите глупости го прокоцка целиот натпревар. Можеа и Терзич и Лазаров да го одморат 5 до 10 минути. За Прибак и да не говорам. Навредливо е тоа што доби шанса во еден напад со играч помалку.  Алекс не е човек за големи натпревари, не знае да се врати во игра после лош почеток, тоа го видовме и во Автокоманда. И покрај недоволната игра за да се победи Веспрем, сепак имавме шанса и тврдам дека Раул ја прокоцка и никој друг. Прво поради својата неумешност и немањето сенс кога да побара тајмаут, недовербата во дел од своите ракометари и трето немањето стабилен шутер на пенали на кој му верува.
   Да не претерувам, но денес личевме на Металург во нападот. Голем дел од вината сноси и Лацкович, едно од најголемите трансфер промашувања во историјата на македонскиот спорт. Секоја чест за името кое го има изградено, но моментално не вреди за ништо, дури потфрла и во одбраната. Вардар место засилување доби ослабување на таа позиција, па лани со Филип Лазаров подобро ги отваравме натпреварите да не се лажеме.
   Ех да го дадеше Брумен пеналот! Не го даде и што? Требаше да изгубиме ?? Можевме да одиграме концентрирано во одбрана и пак да го добиеме натпреварот. Но ние примивме стандардно глуп гол под фаул. Вакви голови хронично примаме во последните минути од сите густи натпревари. Затоа, Брумен мора да биде ослободен од тежината и одговорноста. Тој не е виновен за поразот. Имам пречувство дека било кој од тие 10 што играа во нападот ќе промашеше затоа што играчите на Веспрем (во случајов Миклер) се психички поспремни во такви моменти.
   Каде се судиите во целата приказна, нашите дежурни виновници? (да не се налутат коментаторите од АЛФА) Секако, тие секогаш судат исто. Ништо не беше поразлично и вчера. Секогаш во првото полувреме му помагаат на послилниот. Доколку со храбра игра без грешки се избориш со тоа во второто те оставаат да го победиш посилниот ривал. Така беше против Барса, Хамбург и Фленсбург лани, така е и сезонава против Реин и влера Веспрем. Штета што сеуште македонската јавност не научи дека судиите можат да те оштетат само кога ти не го прикажуваш најдоброто што го можеш. Со други зборови со добра и стабилна игра нема судија што може да ти ја одземе победата.  Реално, ЕХФ на секаков можен начин ќе проба да го натера Самсоненко да дава што е можно подолго време повеќе средства во ракометот и да мора да изгради скапа екипа за почит па да прекине да ни прави опструкции. Тогаш ние ќе бидеме тие на кои им се додава ветер во грб.  Ракометот е спорт на неколку држави од северот од Европа и тие тешко во своето друштво примаат новајлии. Пример за тоа е и Веспрем кој со години губеше во четвртфиналиња за да би стигнал до Ф4 турнирот. Брзи успеси преку ноќ ЕХФ не дозволува!
   Денес Вардар не беше доволно добар само затоа што Веспрем одлучи така да биде. Тоа ја покажува нивната класа во играта и нивото кое го имаат. Веспрем играше без Наџ да не заборавиме. Тоа требаше да биде олеснителна околност, но и тоа не го искористивме. Знаеа дека ќе бидат малку хендикепирани во нападот и затоа дојдоа решени да одиграат со 110% во одбраната во сред Скопје. Знаеа дека само така ќе не победат. Успеаа во тоа, секоја им чест.
   На крај ќе кажам дека поразов претставува удар за целата тактика и калкулантски однос во СЕХА лигата. Тактитата која ја увезовме од Металург не носи успех. Мора да се менува под итно. Мора да се игра со сто посто во секој натрпевар и да се гази противникот. Годинава Веспрем ни покажа како се прави тоа. Ни покажа и Мешков Брест кој за 8 дена им одржа лекција по ракомет на двата најголеми гиганти моментално на Балканот, Вардар и Загреб.
   Ракометари главите горе! Одигравте колку што можевте, знаеме дека сакавте да победите. Во Унгарија одиграјте порастеретено па што биде нека биде. Секогаш сме со вас!

   НАПРЕД ВАРДАР !!!