Skopje za Vardar

Skopje za Vardar

Thursday, 20 November 2014

За ФК Вардар



   

 Веројатно постои едно нешто во што сите се согласуваме во нашава држава. Фудбалот е на загрижувачко бедно ниво. Од репрезентацијата речиси сите се откажаа, Скопје одамна не му верува ни на ФК Вардар. На фудбалската мапа во Европа не постоиме. За нас „зависниците“ нивото на квалитет не игра никаква улога, секогаш сме со Вардар без разлика на допадливоста и нивото на фудбал кој го игра. Но, разбираме и ние по нешто, впрочем по 10, 20, 30 години одење на стадион исклучиво поради љубовта кон Вардар, (не очекувајќи никаков есктра квалитет) можам да кажам дека разбираме многу повеќе од оние кои во кладилниците се воодушевуваат на потезите на своите „идоли“ во странство. Не одам на Градски нема што да видам е најчестиот коментар на истите тие. Реално, до некаде се во право, а и да не се, тие имаат право на свое мислење и одлука. Но, за жал голем дел од тие никогаш и не се појавиле на стадион па да направат споредба.  Сезонава Вардар игра убав фудбал за условите на кои сме навикнати, можеби и најубав во последниве 20 години. На Градски имаше пар убави натпревари со добри потези, доста трчање и по неколку голови. Убеден сум дека со темпото и убавината и бројот на головите кои паднаа ништо не заостануваа зад некои просечни натпревари во Шпанската или Италијанската лига (без Реал и Барса). Она што радува е бројот на евроголовите кои паднаа на Градски. На секој натпревар паѓа гол кој го одзема здивот на сите фудбалски познавачи. Штета што малку луѓе го гледаат тоа во живо. Дашјан и Асани се најзаслужни за тоа. Играат во одлична форма и доколку продолжат вака Вардар ќе има „коњи за трка“ и во Европа следната сезона. Доколку се доведат уште барем двајца фудбалери со таков капацитет можеме да имаме весело лето после долго време, а зашто да не и есен. Стоперите играат се посигурно и подобро. Имаме квалитетен лев и десен бек. Доколку се интервенира со по еден екстра квалитетен фудбалер во средниот ред и во нападот ќе се формира тим можеби посилен (на хартија) од оној кој за еден гол не влезе во групната фаза на ЛШ пред повеќе од десет години. Важно е дека се движиме во вистинска насока и конечно после долго време имаме право, но и основа да се надеваме на посериозни успеси во Европа.
   Додека победуваме и фудбалерите навистина не ни оставаат простор за никакви негативни коментари, мораме за жал да упатиме критика кон управата или поконкретно кон луѓето задолжени за маркетинг доколку воопшто има такви во клубот. Да не се лажеме, публика од едвај 500 луѓе е срамна бројка. Повеќе публика чиниш има на натпревар меѓу тениски ветерани во ТК Југ. Тоа е срам за Вардар и секако срам за Скопје. Ситуацијата е таква каква што е, но загрижува фактот дека управата на Вардар не успева да најде начин како да ја врати или да ја покани дел од публиката на која одењето на стадион и е познато. Понатаму, управата не работи ниту на привлекување на оние најмладите (нови Вардарци). Најстрашно е што таа е помирена со ваквата констелација и не е заинтересирана за промена на подобро. Секој Скопјанец е потенцијален Вардарец.
   Драги Скопјани, дојдете на стадион. Викнете друштво, зезајте се, испијте по некое пиво или ракиичка во блиските кафанчиња по натреварот. Ќе видите дека овој Вардар има капацитет за нешто кое го сонуваме сите и ние кои сме постојано на Градски и вие кои се радувате на головите на Манчестер или Баерн пред вашите телевизори. Ќе се изненадите пријатно, ќе видите подобар фудбал од тоа што очекувате, а зошто да не и по некој еврогол. Вардар мрдна од мртва точка и се надеваме дека ќе продолжи да расте. Последениот натпревар во 2014 на Градски е на 30.11. Градско дерби против Работнички кое ветува добра забава, дружење и фудбал. Работнички е во страшна форма и моментално тоа се двете екипи кои го играат најдобриот фудбал во државава каков и да бил.
   Сите на стадион, мора да се разбудиме, фудбалерите заслужуваат барем еднаш сезонава да играат пред полна Северна Трибина !!!
                                                                        
П.С Среќен роденден за двајцата, можеби и најважни играчи сезонава за нас - во ФК Артак Дашијан и во РК Арпад Штербик!

No comments:

Post a Comment