Безрбетниците
постојат насекаде околу нас. Нашето општество е преполно со морални убиства,
подлизурковци и луѓе кои секојдневно газат на својот збор. Нажалост, и ние
Вардарци со зајакнувањето на нашиот клуб се повеќе сме соочени со доаѓање на
играчи кои под превезот на професионалноста даваат секакви изјави против клубот
чии бои ги бранат. Секојдневно секој од нас Вардарците се повеќе се чуствува
предаден поради ангажирањето на играчи кои долго време немале позитивно мислење
во однос на Вардар и Комити, и кои директно учествувале во креирање на
пропаганди против Вардар.
Прв пример
е нашиот дефанзивец Бобан Грнчаров. Грне на социјалните мрежи реши да иронизира
во однос на целата иницијатива на навивачите Немања Прибак да остане во нашиот
клуб. Тој, наместо да сочуствува со еден од најпосветените негови колеги од
спортското друштво чив член е, реши да се потсмева со мислењето на навивачите
на клубот. За кого се игра воопшто фудбал во Македонија? За оние кои го
поддржуваат клубот или за Грне да зема 10.000 евра и да плука по оние што гинат
за клубот? Боли што никој во најголемата спортска институција во државава
воопшто не ни им кажал на играчите дека не е убаво да се исмејуваат со нив и да
влегуваат во дискусии со обичните фанови, поради кои не смееме да заборавиме дека
овој клуб преживеа во најтешките денови од неговото постоење. За колегијалноста
не вреди ни да се коментира, но фактите зборуваат дека потсмевањето со некого и
воопшто не е фер кога тој некој е пример за таквите како Грне кои уживаат на стадионите
во соседството гледајќи ЛШ во фудбал и возбудувајќи се поради некои странски, а
утре и ривалски клубови. Е таквите собираат поени кај своите колеги и кажуваат
како им покажале на навивачите со своите изјави. Кој беше мотивот на нашиот
централен дефанзивец во ситуацијата не знам, но очигледно е дека неговото
однесување воопшто не е добро.
Жално е
што сите ние на кои Вардар ни е една од најважните работи во животот знаеме
дека Грне е можеби барем најхрабар па јавно го сподели неговиот став, а дека постојат
уште многумина кои размислуваат исто како него. Се разбира дека ние навивачите
не бараме стручна комисија во клубот за оценување на „идеолошка подобност” или
слично, но дефинитивно не знам како раководните структури очекуваат да се
створи хемија во Вардар кога се носи сенешто во клубот, а во исто време
играчите кои оставале срце за истиот да се заборавани. И покрај потребата за
сиров квалитет која не ја спориме, мора да признаеме дека ваквото однесување на
одредени сегашни или идни членови на спортското друштво не придонесува на
клубот, туку само може да создаде проблеми во моралот и хемијата во тимот. Мора
целата клубска структура да ги „советува" играчите и да дава упатства за
ПР делот во кој на сите полиња очигледно неверојатно потфрламе!!!
Нов многу
добро познат пример за ова е Дејан Манасков кој до пред неколку месеци се
колнеше на верноста во Металург и дека него „руски рубљи не го
интересираат". Дејан, репрезентативец на Македонија, без никаква почит
блуеше по еден од најуспешните клубови во Македонија како е руски и насила
купен. Откако Металург, за кој сите знаеме каква анти Вардар политика водеше
со години се распадна, Дејан отиде во Германија и потпиша
договор да почне да игра во Вардар. На целото плукање по социјални мрежи и
јавно во изјави и на сајтови, но и на терен каде гестикулирал многу пати кон
навивачите на Вардар вулгарно, боли тоа што нашиот клуб реши него да го
ангажира баш него од сите играчи на таа позиција кои играат ракомет. Како ќе се
чуствуваат сега Столе Стоилов, Страхиња Милич, Игор Карачич, Добривоје Маркович
и сите оние кои со години биле провоцирани од истиот тој Деки? Зошто тој сега
да добие шанса барабар со нив, кога тие во најтешките денови беа на наша
страна, додека тој уживаше во сите тие сплетки и удари под појас кон овие
момци? За неговиот карактер на безрбетник воопшто и нема што да се коментира
бидејќи тој со овој гест тоа го докажа. Но и нашата управа докажа дека
однесувањето за неа е неважно се додека играчот игра, што е голема грешка, бидејки
тој играч со оглед на изјавите нема мотив да игра.
На крај,
ние Вардарци очекуваме Дејан јавно да се извини за неговите изјави и да даде
дознаење дека тоа што го кажувал било целосно неточно. Тој ќе мора да ја покаже
верноста кон Вардар и на терен, и надвор од него, а не би било лошо и да го
видиме качен на трибина со Комити после некој натпревар како навива. Секако,
без големо извинување и признание за грешката не смееме да му дозволиме да
помине. Ако не сака да се извини, наше е да му помогнеме да го направи тоа!
А играчите
кои веќе се дел од нашето спортско друштво а тераат мајтап и смеа со
навивачите, време е раководната структура да ги научи како стојат работите и
што значат навивачите за клубот. Ако некој планира да глуми лудило и мангуп во
Вардар, за мангупи нема место. Вардар е, бил и ќе биде за сите ист. И за
навивачите, и за играчите и за раководните структури. На крај, сите му мислиме
добро и се бориме тој да е подобар. Затоа, ајде сите заедно да го направиме
тоа. Ајде да не бидеме секој за себе, туку да бидеме вистинско семејство и
спортско друштво! Ајде да покажеме дека сме едно заради нешто што е поголемо од
нас!
No comments:
Post a Comment