Сезоната полека влегува во финалето, расплетот се ближи и со нетрпение
го очекуваме. Фудбалската сезона ни почнува веќе во недела во едно занимливо
место за играње и гледање фудбал, додека ракометарите па и ракометарките ги
очекуваат битки за влез меѓу најдобрите 8. Кратката воздишка пред новите
возбудувања ќе ја искористиме да посочиме на еден сериозен проблем со кој се
соочуваат клубовите кои го носат името Вардар. Проблемот генерално постои кај сите
клубови, но тоа нас не не интересира бидејќи Вардар е она за што се грижиме.
Проблемот можеби е дури и во животите на секој од нас, но овде пишуваме за
Вардар. Деновиве и месециве постојано читаме за некаква масовна еуфорија која наводно
се креира со играњето и резултатите на Вардар. Да бидеме искрени таква еуфорија
не постои. Можеме ние најверните (околу
500 до 1000)
со Војводина и со Тетекс да видиме многу добро и да препознаеме еуфорија.
Еуфорија имаше кога ФК играше во СФРЈ, а во поново време можеби во летото кога
бевме на прагот на влез во ЛШ, некој понизок степен постоеше кога Кометал освои
ЛШ и кога кошаркарите ги играа натпреварите во Литванија.
Денес живееме во време кога не знаеме што е реално, а што е виртуелно. Сведоци
сме на комплетна замена на живеењето, дружењето, активностите, хобиата со
нашите „мили“ кутии и апарати поради кои се одвикнавме да се гледаме во очи. Говориме
за интернетот и социјалните мрежи. Денес се се случува таму. Најважно е тоа што
се гледа и чита таму. И Вардар не е имун на ваквиот феномен. Младите генерации
се денес опседнати со социјалните мрежи и она што е најболно и загрижува е тоа
што се копмлетно исполнети со нив. Еуфоријата која предходно ја спомнавме, владее таму. Да ги анализираме
бројките. На ФБ профилот на РК и ФК Вардар во моментов на пишување на текстов
има околу 77 000 односно 76 000 лајкови т.е. луѓе кои се фанови и симпатизери
на Вардар кои секојдневно одбрале да ги следат новините и да ги читаат сите
работи поврзани со Вардар. Нема да бидеме ексклузивни или препаметни ако
прашаме каде и
пред се кои се тие луѓе. Меѓу нив има и луѓе кои не живеат во Македонија, но
нивната бројка е реално премала за да направи некаква разлика. Една просечна
објава на профилот достигнува и над 1000 лајка. Објавата за роденденот на Филип
Петров на пример оди прелу 500 лајка. Половина од тие луѓе сигурно не ни знаат
како изгледа Фичо и на која позиција игра. Објавите во кои се слави некоја
победа, се истакнува резултат или постигнување на гол се најинтересни за
анализа. Поточно лајковите и коментарите кои потоа следуваат. “Браво момци! Ајде
Вардар! Браво гордост македонска! Газиме! Најдобри сме!” се едни од најчестите
кои можеме да ги прочитаме. Се радуваме ли искрено на секој гол и
победа или само стискаме лајк и куртоазно оставаме по некој коментар затоа што
е модерно??? Понекогаш мислам дека доколку ФБ профилот на ФК Вардар објави дека
сме ја победиле Борусија Дортмунд во групната фаза на ЛШ со 3:1 таа објава ќе
оди и до преку 50 000 лајка, незнаејќи дека такво нешто воопшто не се случило.
Па Вардар и не мора да ги игра натпреварите, доволно е да се објавуваат резултати на ФБ и да се слават. Клучното прашање е дали ни е потребен Вардар
(или подобро да кажам дали им е потребен)?
Дали го сакаме Вардар? Дали сакаме да го гледаме? Сме помислиле ли да отидеме
на стадион и таму да викнеме барем еднаш напред Вардар или да опцуеме судија
наместо тоа да го куцаме на нашите тастатури? Како стојат работите очиглено
одговорот е НЕ. Доволни ни се социјаните мрежи, таму ќе пишуваме дека сме
најдобри и дека сме најсилни навивачи додека 500 до 1000 момци константно ќе се
борат и ќе страдаат за Вардар. Не можеме да наполниме сала од 5000 против
Монпеље. За Градски и фудбал да не зборуваме. Кога последен пат можело да се
прошета низ град и да се примети дека игра Вардар? На Вардар веќе не се
псоветува ни час, а камоли ден или викенд. Се помалку распеани луѓе, помалку
знамиња, помалку шалови. Имаме сега и мобилни со интернет па можеме и од
кафичите да лајкаме и да се радуваме кога Вардар ќе даде гол. РК Вардар е сега
шема, но знаеме многу добро пак ние истите дека тоа нема да биде вечно, пак ќе
дојде ден кога ќе се тепаме со Пелистер за гол повеќе. И тогаш пак ќе бидеме
таму ние малкумината да се бориме за Вардар. Без да навредиме некого, но
страшна е сликата кога нема да препознаете ниту еден верен навивач на Вардар
како седи доле на убавите фотељи близу паркетот во Јане Сандански, а не памтите
кога сте пропуштиле натправар на Вардар во тек на повеќе декади. Гледаме
костумосани госпоѓи и господа и деца кои возат скироли и си играат со балони
додека ние горе скриени во некое ќоше каде што сме успеале да обезбедиме карти и
се потиме затоа што на наш Вардар му исклучиле играч за 2 минути казна.
По којзнае кој пат пуштаме абер и апелираме до пошироката јавност и
особено оние кои се декларираат дека се Вардарци. Не му требаат на Вардар
вашите лајкови!!! Дојдете на терен, дојдете на утакмица! Дојдете да се дружите,
дојдете да се радувате и да тагувате заедно! Оставете ги лајковите за оние од
Торонто и Мелбурн.
Би биле среќни ние од блогот доколку место лајкови овој текст придобие
барем еден плус човек што ќе стане вистински Вардарец, а таквите се секогаш
таму каде што игра Вардар.
Било кога, било каде!
Се гледаме во Кратово! Повторно истите нели ???
No comments:
Post a Comment