ЖРК Вардар е првиот клуб од вардаровото семејство во кој
Сергеј Самсоненко влезе како спонзор. Овој клуб кој треба да се вивне во
височините на европскиот ракомет, лани успеа да ни донесе голем успех и да ја
заврши сезоната како третопласиран во ЛШ. ЖРК Вардар се виде дека нема капацитет
веднаш да се бори за титулата во ЛШ. Како за отпрва делуваше дека се е супер и
дека малку фали (две до три засилувања) да би се добила екипа што оваа година
ќе стигне до првото место. Сепак оваа сезона покажа колку целиот тој колектив,
од луѓето во екипата до играчите е далеку од сето она за што сонува секој
навивач на Вардар.
ЖРК во последниве месеци е непрепознатлив. На почетокот на
сезонава, клубот сам себе се закопа со одлуката да се откаже од женската
регионална лига во ракомет. Оваа лига, колку и да е непрофесионална и претежно
пријателска, очигледно се одрази на формата на девојките. Македонското
првенство само придонесува тие уште повеќе да се дефокусираат од ракометот и да
се опуштаат непотребно во екот на сезоната кога е потребно да бидат
најпосветени.
Очигледно е погрешна одлуката да се прати Тата Хмирова на
операција поради која ја пропушти цела сезона и сеуште не е опоравена. Девојата
беше еден од најважните елементи во тимот кој ги спојува сите. Бркањето на
Алисон Пино е уште една работа која на никој не му е јасна. Верувам дека имало
добра причина за тоа, но дали во оваа сезона кога почна нешто да се уигрува и
да се работи и конечно да се добие една компактност на екипата беше потребно да
се остане без двете ракометарки од кои сите очекувавме многу и беа важен дел од
екипата? И покрај ова, недостасуваше и среќа со повредите на пикерската
позиција и немилите настани со Робе кои беа капак на се. Се чувствува
недостатокот на Ана Џокич и на терен можеме да видиме колку значајна
ракометарка беше таа како во одбраната, така и во нападот.
Индира нема многу што да направи со оглед на ваквите одлуки,
иако општото мислење дека и таа мора да сноси одговорност за тоа што се случува
е коректно. Инди сезонава требаше да се заложи за регионална лига и да ја знае
вредноста на своите ракометарки кои се бркаат, носат и праќаат на операции.
Поради големиот број повреди, се поставува прашањето со колкава концентрација
играат девојките на натпреварите, но и колку се физички спремни за играње
сезонава? Управата на ЖРК Вардар мора да се запраша веќе еднаш каков стил на
ракомет ќе игра: балкански, скандинавски или руски? Не е возможно во една екипа
да има тренери од секоја од овие земји кои спроведуваат различна работа и на
тренинзите и различни размисли на натпреварите.
Зошто Расмусен си отиде така брзо од Скопје ќе биде тешко да
дознаеме, но сигурно некој нема да "избега" за две недели ако се е во
ред. Официјалното соопштение вели дека ставовите на другите членови на
стручниот штаб и тој се разишле целосно во мислењата. Но, сега, најнова
аквизиција во стручниот штаб е Питлик кој ќе работи со двата ракометни клубови.
Да се надеваме дека тој, Инди и тројцата тренери кои работат во ЖРК можеби и ќе
можат да ги усогласат идеите и ставовите и да ја поткренат формата на Вардарки,
иако со оглед на тоа што веќе се петмина, ќе имаат вистински проблем.
За дисциплината на ракометарките воопшто и нема многу што
ново да се открие. Секој што е активен на социјалните мрежи и ги следи знае се.
Горд сум на тоа што тие си фатија момчиња од фудбалскиот клуб, но и повеќе од
очигледно е дека на девојките тоа многу лошо им се одрази во формата. Се
разбира дека тоа е далеку од пресудно, но дефинитивно игра улога во
катастрофалната сезона на ЖРК кој стана клуб за женачка на ракометарки. Не дека
Кометал не беше, ама тие барем играа како што треба. Овие денес целосно се посветија
на градските шеми и заборавија зошто се наоѓаат таму каде што се наоѓаат.
Сума сумарум, управата на ЖРК Вардар е изгубена во просторот
и времето. Ништо подобар не е ни стручниот штаб. Секоја одлука се покажува како
полоша од предходната што се одразува кај ракометарките (на терен и во животот)
кои го искористуваат овој хаос. Во клубот е потребна цврста рака која ќе може
да ги среди работите, од најдолу па се до врвот, која ќе воведе голема
дисциплина и ќе биде кадарна за носење сериозни одлуки. Потребно е да се
размислува на долг рок за да би се почуствувале сериозни резултати во добра
насока. Да не го изгубиме преку ноќ она што со месеци беше промовирано и
градено!
Со срце за Вардар, секаде и секогаш!
No comments:
Post a Comment