Skopje za Vardar

Skopje za Vardar

Sunday, 22 February 2015

Рајн-Некар Левен и осминафиналето




Сите оние на кои во последниве десетина години и ракометот им стана важен дел од животот, верувам дека тешко ќе се присетат кога последен пат германска екипа изгубила на домашен терен вака убедливо. До вчера сите ние знаевме за тоа дека отсекогаш ни “лежеле” германски екипи, дека оваа генерација на РК Вардар беше создавана по тој терк од Вујо, но малкумина очекуваа дека ние ќе го добиеме натпреварот по само 35 минути. Не бевме свесни дека нашата одбрана ќе стане толку подвижна што играчите на Рајн-Некар нема да можат да постигнат гол од игра 7 минути на почетокот. Запирањето на германците и со 5 играчи во одбрана поради исклучувањата во првото полувреме и молњевитиот напад кој го игравме (а беше убиствен и со 6 и со 5 ракометари во поле) беа одразени и во резултатот: 13-20 на полувреме. Одамна не се случил ваков потоп на екипа од најсилното национално првенство во светот. Второто полувреме беше рутина, која нашиот тим многу пати до сега ја одработувал во СЕХА. Се зголеми и ротацијата, цел тим доби шанса. Арпад Штербик повторно беше брилијантен на голот. До сега не сме гледале ваква игра на некоја екипа од Балканот, па дури ни на Загреб кога беше на врвот на својата моќ, а за екипа од Македонија воопшто и да не зборуваме. Гледавме привлечен, течен и цврст ракомет со лесни и брзи голови, еден микс од модерен светски ракомет со руската 5-1 одбрана со која успешно се затворија Геншајмер и Петерсон. Сепак, вчера беше и ден во кој имавме многу среќа поради повредата на пикерот на РНЛ Гвардиола на самиот старт на натпреварот и примораноста на Јакобсен да игра со трет пикер 60 минути.
Низ целата сезона се забележува напредок, но вчера се покажа дека ова не е само еден натпревар на кој ни одеше, туку дека РК Вардар сериозно пристапил на проектот за влегување на ЛШ Фајнл 4 турнирот. Се надевам дека формата на тимот е толку добро темпирана, што само ќе се подобрува се до крајот на сезоната кога ќе ги играме најважните натпревари. Морам да го пофалам стручниот штаб за изборот на Шишкарев пред Брумен на крило, бидејќи човекот во втората полусезона е изгубен во напад и во одбрана. Но, тоа што се одлучи да игра Чипурин на пикер на средина на првиот дел ( продаде неколку топки) се покажа како голема грешка и треба да служи како лекција на Раул да има повеќе доверба во Стојанче Стоилов.

Следна наша станица е осминафиналето во ЛШ. Во него ќе се сретнеме со една од екипите на Загреб, Данкерк или Висла Плок.


Загреб, тимот на Вујо, оваа сезона покажа капацитет за добивање на посилни противници од наш Вардар. Ја започна сезоната молњевито против Кил, но и успеа да го совлада и ПСЖ. Загреб оваа сезона дефинитивно изненадува во ЛШ, но и ние доволно го познаваме. Сепак, ростерот на Загреб не е непознат за нас поради честите дуели во СЕХА и нашите играчи доволно ја познаваат таа екипа. Сепак, поради тоа што знаеме кој е Веселин Вујович и поради пречестите дуели со нив, овој противник и баш многу не ни одговара.

Висла Плок, екипа која во Полското првенство беше доста тројфена во предходната деценија, сега е втора екипа покрај големиот Киелце. Со колонија српски репрезентативци, неколку шпанци и романецот Гионеа тие би требало да претставуваат закана за Вардар, но во последниве две сезони највисок дострел им е осминафиналето. Висла Плок од играчки аспект може најмногу да ни се спротистави.

Данкерк е екипа која лани го освои францускиот шампионат и е составена претежно од француски играчи. Таа најчесто се натпреварувала во ЕХФ купот и нема големо искуство во ЛШ па би била најголемото изненадување, но и можниот најлесен противник на Вардар во осминафиналето. Оваа година е на 5тото место во француското првенство. Екипата има долга клупа и ја користи максимално во ротацијата, а сите играчи се прилично расположени на натпреварите и знаат да постигнат по некој гол.

Сите овие противници секако дека не се СЕХА лига екипи и ќе претставуваат предизвик за нас, но на крајот на краиштата меѓу нив не се кријат големи имиња од кои треба да се плашиме. Со пласманот на второто место избегнавме тешко осминафинале и си ја упростивме работата за повторување на минатогодишниот успех. Најважно е дека покажавме карактер и моќ со многу посилни противници во групната фаза, но ова се елиминации со два натпревари и овде секоја грешка чини многу. Сепак, возвратниот меч е кај нас, а онаа фаворитска улога која ја носиме може само да направи позитивен притисок меѓу играчите за подобра партија. Ждребката е во Вторник од 12 часот и 30 минути на следниот линк:
http://www.laola1.tv/de-int/live/velux-ehf-champions-league-draw-last-16/293046.html

ЕДЕН ЖИВОТ, ЕДНА ЉУБОВ!

No comments:

Post a Comment