Skopje za Vardar

Skopje za Vardar

Monday, 23 March 2015

Пу, Пу, Не Важи !!!



Повторно Скопје е центар на ракометниот свет, а новата магија изведена од уметниците во црвено црно долго ќе се памти и зборува. Благодарение на нив сите сме горди, весели, се чини дека целиот свет ни е на дланка. Проследивме уште една ракометна лекција, ракометен спектакл што ретко се гледа, зачинет со потребната доза на возбуда и тензија. Големо БЛАГОДАРАМ од нас, блогерите од блогот Скопје за Вардар за една од најубавите поминати саботи во последно време.
 ФК Вардар годинава како да е претплатен да ни ја дозира секоја радост која ја чувствуваме кога ракометарите во својот претпознатлив транс го мелат секој колектив во Европа што дошол во Скопје да игра ракомет. Овој пат се чини го дадоа својот максимум да го расипат впечатокот за црвено црниот викенд, но не успеаа. Оние кои дојдоа на Градски сеуште ги коментираа одбраните на Штербик и цепелинот на Карачич, наместо промашувањата на Грне и компанија.
  Ниту ние нема да посветиме големо внимание на антифудбалот кој во коалиција со одвратното време ги избрка половината гледачи уште на полувреме. За односот и посветеноста кон играта, клубот и навивачите, соодветствено со примањата и условите кои ги имаат спортистите, нешто сме пишувале, а ќе пишуваме и во други прилики. Само ќе поставиме едно прашање кое си го постави секој гледач на заминувањето (од оние најупорните кои останаа до крајот) „Овој ли Вардар ќе игра во Европа?
  Она на што сме гневни е бедната одлука на нашата таканаречена управа со која го укина правото на најверните навивачи да присуствуваат на најголемото македонско дерби со прикажување на своите сезонски билети. Да потсетиме дека она што беше кажано на почетокот на сезоната е дека сезонските билети за натпреварите на РК Вардар во Лигата на Шампионите ќе важат и за домашните натпревари на ФК Вардар. Впрочем така и се влегуваше се до неделата. Изненадени сме од оваа срамна одлука која е директно насочена кон оние 50 до 100 најверни навивачи кои се тука на секој натпревар на Вардар и ги користат сезонските влезници. Има ли оваа наша управа почит кон најлојалните??? На ваков начин ли им враќа за посветеноста кон Вардар??? Да видиме како стои математиката. Останатите кои дојдоа и доаѓаат два пати годишно секако ќе платеа карта, а оние кои со сезонски влегуваат на секој натпревар не се повеќе од стотина. Епа управо наша алал нека ви е. Покажавте дека сте ситни души, паднавте толку ниско и за не повеќе од 300 евра ги измалтретиравте и пониживте враќајќи ги од вратите како кучиња оние кои Градски го сметаат за втор дом, оние на кои Вардар им е составен дел од животот. Се надеваме се збогативме доволно па сега ќе имаме пари и да платиме некој поквалитетни фудбалери кои ќе можат да излезат на крај со еден Пелистер (без потценување). Неспособни сте да го водите Вардар и не знаете да ги трошите парите на сопственикот. Повторно имавте катастрофална организација меѓу другото.
  Парафразирано, паролата на Чкембари „Добро е што Пелистер на гости ви иди, и Арената публика да види“ е болна, жална, брутално искрена и сигурно најточната и со најголема тежина која тие ја извадиле во поновата нивна историја. Чкембари на страна, во голем дел тоа е ваша грешка и ваша одговорност. Вие ги бркате и оние кои доаѓаат, за привлекување нова публика да не коментираме. Освестете се на време или имајте доблест и заминете сами. Водите сериозен проект, а се однесувате како да сте маалска екипа. Будно ќе ве следиме единствено за интересот на Вардар и сите Вардарци!


   Напред Вардар!
 

1 comment:

  1. Жална одлука на управата ! Како ќе се формираат навивачки групи - фанови , ако навивачите кои како празник го чекаат секој натпревар на Вардар , ги отфрлате или омаловажувате со вакви ненајавени и несреќни одлуки !

    ReplyDelete